Важна порака во стоматологијата е дека нашите погледи и знаења треба да се модифицираат и ажурираат со единствена цел: имплементирање на модерната технологија.
Во текот на изминатите 30 години бевме сведоци за напредокот на стоматолошката грижа и се чини дека две области на примарната стоматолошка заштита се развиле надвор од додипломските наставни програми – стоматолошките импланти и ласерската стоматологија.

Што е ласерска стоматологија?

Современ модалитет на стоматолошки третман кој се однесува на секоја стоматолошка процедура што користи ласерска енергија.
Замислете си зрак светлина толку моќен што доведува до испарување на кариесот на забите, продира и го сече дентинот и цементот, го „нагризува“ емајлот, ја намалува осетливоста на забите, го сече мекото ткиво…. зрак светлина толку интензивен што убива бактерии, зрак кој е толку брз што болката е практично елиминирана … сето тоа што го замисливте е стоматолошкиот ласер.


Навидум едноставно… но не смееме да заборавиме дека зад таа едноставност се крие извонреден след на софистицирани чекори и дека кај сите случаи предложени за третман, од посебна важност е познавањето на уникатноста и точната природа на избраното целно ткиво; а познавањето на физичката структура и оптичките параметри во однос на инцидентното ласерско зрачење ќе го дефинираат степенот до кој ќе се апсорбира, разнесува или пренесува електромагнетната/фотонската ласерска енергија, со кое ќе се овозможи претворање во топлинска енергија, со посакуваните придружни ефекти.

Комерцијалните стоматолошки ласерски системи овозможуваат стоматолозите да прават широк спектар минимално инвазивни стоматолошки процедури, вклучувајќи козметички, реставративни и хируршки апликации.
Со зголемувањето на бројот на брановите должини на ласерските апарати се повеќе се наметнува потребата од објективизација на нивната апликативност кај меките и тврди орални ткива. но, евидентни се податоците од рецензираните студии на пресек и ретроспективните кохортни студии, кои не само што доведоа до се пошироко прифаќање на ласерите како соодветна алатка во стоматологијата, туку и ги потврдија бенефитите на протоколите засновани на докази за нивната корисна улога во третманот.

Ако досега не сте ја користеле оваа иновативна метода на стоматолошка услуга, сега е време да научите. Oва е одличен момент за секој што сака да стекне сеопфатен преглед за „светот на ласерите“ и нивната употреба во стоматологијата, за секој кој е заинтересиран да разбере како работат ласерите, како дејствуваат врз ткивата и како најдобро да го применат тоа знаење во секојдневната стоматолошка клиничка пракса.

ПОВЕЌЕ